Бруно со емотивна порака до „братот“ Стефан по трансферот во Динамо (фото)

34

Ѕвездата на Манчестер јунајтед му беше соиграч и близок пријател на македонскиот репрезентативец, кој од пред неколку дена стана нов член на хрватскиот шампион.

Стефан Ристовки кариерата ја продолжи во редовите на Динамо Загреб, каде што пристигна од Спортинг Лисабон за сума од околу еден милион евра.

Речиси четири години Ристовски ги бранеше боите на лисабонските Лавови, а клубот го напушти во период кога Спортинг ја напаѓа титулата во Португалија, нешто што Стефан долго време го очекуваше.

Откако си замина, Ристовски доби порака од пријателот кој воедно му беше цимер во минатото, Бруно Фернандеш, сегашната ѕвезда на Манчестер јунајтед.

„Жал ми е што твојата авантура заврши на ваков начин во клубот каде што ти секогаш даваше сè од себе, каде што секогаш ги ценеше вредностите на Спортинг. Ти си голем работник и многу искрен човек, секогаш подготвен да учиш од другите. Ти благодарам за сè што направи за овој клуб и за мене, ја заслужуваш оваа шанса да ја покажеш твојата вредност. Твојот успех ќе биде и мој успех“, му напиша Фернандеш на видеото на Ристовски кое го објави на „Инстаграм“.