Руската вакцина нема наскоро да биде достапна во САД и Британија

17

Руската вакцина против коронавирусот е многу ефикасна, но нема наскоро да биде достапна во САД или Велика Британија, изјави за Бизнис инсајдер висок руски функционер.

Аплицирањето за регулаторно одобрување во САД и Велика Британија не ни е приоритет, рече водачот на руската програма за вакцини во ексклузивното интервју во вторникот. Русија, наместо тоа, склучува зделки за продажба на вакцината во земји што се поприемчиви кон неа, рече тој.

Вакцината од две дози, наречена Спутник V, била 91,6% ефикасна во спречувањето на ковид-19 во испитувањето на скоро 20.000 волонтери, според резултатите објавени во вторникот во угледното медицинско списание Лансет. Иако вакцината веќе е одобрена во повеќе од десетина земји, не очекувајте наскоро одлуки од американските или британските здравствени регулатори.

Поминувањето низ регулаторниот процес во САД „искрено, не ни е приоритет“, рече Кирил Дмитриев, извршен директор на Рускиот фонд за директни инвестиции. Тој додаде дека немало разговори со регулаторите во американската Администрација за храна и лекови, агенцијата задолжена за преглед на лековите.

Додека пазарите во САД и Велика Британија не се приоритет, Европската Унија останува како можност, рече Дмитриев. Германската канцеларка Ангела Меркел понуди помош при аплицирањето до Европската агенција за лекови, рече Дмитриев.

„За танго се потребни двајца“, вели Дмитриев

Лидерите на руската програма за вакцини во август 2020 година разговараа со официјалните лица на операцијата Ворп спид, амбициозна иницијатива за вакцини што ја покрена претседателот Доналд Трамп, рече Дмитриев. Рускиот тим понудил да работат заедно, особено во тестирањето на Спутник V во комбинација со други фаворити за вакцина.

„Не се постигна многу, мислам, поради очигледните политички стеги во работата со Русија“, рече тој.

„Ние сме отворени за ова, но за танго се потребни двајца“, додаде Дмитриев. „Ние ја искажуваме нашата отвореност преку Бизнис инсајдер и ќе видиме дали САД се подготвени да се впуштат во ова.“

Руската програма го привлече меѓународното внимание на 11 август 2020 година, кога претседателот Владимир Путин објави дека вакцината е одобрена, иако студиите во доцната фаза сè уште не беа завршени. Додека експертите за вакцини оттогаш изразуваат скептицизам во врска со програмата, Дмитриев се надева дека податоците објавени во „Лансет“ ќе донесат поголема доверба во вакцината.

Во Велика Британија, Дмитриев рече дека аплицирањето за одобрување ќе зависи од успешноста на планираното испитување на Спутник V во комбинација со вакцината развиена од АстраЗенека и Универзитетот во Оксфорд. Таа комбинирана студија уште следната недела може да почне да регрутира волонтери, рече тој.

„Ако тоа покаже високо ниво на ефикасност, ние ќе бидеме среќни да ѝ пристапиме на Велика Британија со тоа, очигледно заеднички со АстраЗенека“, рече тој.

За таа студија ќе бидат потребни месеци, а дотогаш, вели Дмитриев, Русија нема да поднесе барање за одобрување од Велика Британија.

Русија очекува да произведе 700 милиони дози во 2021 година

Русија веќе постигна неколку договори за снабдување со други земји, од кои ниту една не е голема западна сила. Дмитриев рече дека очекува да се произведат 700 милиони дози во 2021 година, а програмата веќе е „натпретплатена“ со договори за снабдување со други нации.

„Засега сме фокусирани на пазарите што гледаат кои сме ние според вредноста на податоците, според вредноста на нашата платформа“, рече Дмитриев, „и очигледно нешто кај Велика Британија, нешто кај Европа, нешто кај САД ќе има голем политички призвук не од нас, туку од нив“.

Шеснаесет странски држави веќе ја одобрија вакцината на Русија: Белорусија, Аргентина, Боливија, Србија, Алжир, Палестина, Венецуела, Парагвај, Туркменистан, Унгарија, Обединети Арапски Емирати, Иран, Гвинеја и Тунис. Дмитриев рече дека очекува до крајот на следната недела Спутник V да биде регистриран во 25 нации.