Бугарија од секоја пратка вакцини ќе донира дел за нашата земја, договори денеска Филипче

22

Бугарија од секоја пратка на вакцини против ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и на нашата земја. Ова утрово е одлучено на владината седница во Софија, на која учествуваше и министерот за здравство Венко Филипче. Тоа значи дека вакцините против ковид-19 ќе стигнуваат во исто време како и во останатите земји членки на Европската Унија.

Веќе е разговарано и за техничките детали во однос на испораката.

„На денешната седница од страна на Владата на Република Бугарија се донесе одлука од секоја колична вакцини против ковид-19, која стигнува во Република Бугарија, една одредена количина да биде наменета за нашите граѓани и тоа да биде во форма на донација. Со ова ние практично стигнуваме до вакцините со истата временска динамика со која стигнуваат и земјите членки на Европската Унија. Бугарија како членка на ЕУ ја имаше таа привилегија да прави директни преговори со повеќе произведувачи. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70 % од населението“, изјави министерот Филипче по седницата.

Според информациите од бугарските здравствени власти, најпрво во Софија ќе стигне вакцината на „Фајзер“, потоа на „Модерна“, па потоа на „Астра Зенека“.

Министерот Филипче во Софија е на покана на премиерот Бојко Борисов и на министерот за здравство, Костадин Ангелов.

Освен преку оваа донација од Бугарија, нашата земја обезбеди вакцини и преку Ковакс-механизмот. Европската Унијата за земјите членки обезбеди 400 милиони вакцини и 100 милиони дополнително за земјите кои не се во Унијата, а вакцините може да ги добиваат со посредување на земји – членки. Досега ваков вид помош, за нашата земја и понудија Полска и Грција. Исто така, во тек се преговори и со произведувачите за директна набавка на вакцини и од нив.