Видео: Нови снимки покажуваат дека украинскиот авион бил погоден од две ракети

6

Украинскиот авион кој што се урна кај Техеран бил погоден од две ракети лансирани од иранските воени сили, се тврди во најновите информации објавени од американските медиуми.

Нови видео снимки од падот на авионот пред една недела прикажуваат како две ракети испукани една по друга го погодуваат леталото, по што експлодира и се урива на земјата.

Сите 176 лица кои беа во авионот на „Украин Интернешнл Ерлајнс“ загинаа во падот. Видеото објавено од „Њујорк тајмс“ покажува како прво една ракета го погодува авионот, а 20 секунди потоа и втора ракета.

Иранските власти претходно признаа дека иранската војна го соборила авионот по грешка. Најновите информации засега не се ниту потврдени ниту демантирани од официјален Техеран. Во меѓувреме иранските власти спроведуваат истрага за инцидентот и тврдат дека го уапсиле лицето кое го направило видеото од падот на авион, објавено претходно.

Се верува дека лицето ќе биде соочено со обвинение поврзано со националната безбедност. Но, ирански новинар кој живее во Лондон и прв го објави видеото на социјалните мрежи вели дека властите во Иран уапсиле погрешен човек и дека тој што го снимил видеото и му го дал нему за објавување е безбеден