Високиот претставник за БиХ наметна измени на Изборниот закон

7

Високиот меѓународен претставник за БиХ Кристијан Шмит денеска наметна одлука за измени на Изборниот закон на Босна и Херцеговина, но тие ќе бидат само од техничка природа и нема да се однесуваат на спроведувањето на пресудата на Уставниот суд во случајот „Љубиќ“, потврдија денеска лидерите на дел од политичките партии во таа земја.

Во текот на денот, Шмит ги покани претставниците на најголемите политички партии од БиХ во неговата канцеларија во Сараево (ОХР) за да ги информира за таквата намера.

Со измените што тој ги наметна се удвојуваат паричните казни за кршење на изборниот законик, кои досега можеа да изнесуваат и повеќе од 15 илјади евра. Со измените и се дава можност на Централната изборна комисија на БиХ да избрише поединци од листите или партии кои грубо го кршат законот, а дефиниран е и забранет говор на омраза.

Со измените се регулира и користењето електронски, печатени и онлајн медиуми, кои и социјални мрежи во предизборната кампања.

На избраните функционери, како и на вработените во јавните установи им е забрането да спроведуваат предизборна кампања во институциите во текот на работното време.

Шмит донесе одлука за финансирање на изборите во Босна и Херцеговина
„Изборите не се монета за поткусурување на партиите, тоа е право на секој гласач, затоа ми е задоволство што можам да им ги вратам изборите на гласачите. Денеска носам пакет за транспарентност кој гарантира слободна и фер кампања“, рече Шмит.

Високиот претставник во БиХ рече дека домашните политичари, за жал, не успеале сами да се договорат за промени.