Владата му се налути на „ТЕ-ТО“, го раскинува договорот за државна помош

13

Владата одлучи еднострано да го раскине договорот за државна помош за Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија „ТЕ-ТО“ АД Скопје, се додека не се создадат правни услови за ова помош, соопшти Владата без да се прецизира какви се тие правни услови.

„Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од раскинување на Договорот за доделување на државна помош, и на Анексот на Договорот за доделување државна помош, склучени помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД СКОПЈЕ, и донесе Одлука за едностран раскин на овие договори заради фактот дека не се постигна согласност за создавање правна основа за оваа државна помош“, соопшти Владата.

Оттаму информираа и дека согласно со одлуката, „ТЕ-ТО“ е должен да си го плати данокот што го должи кон државата, и дека ако постои законска рамка и можност, ќе се дозволи плаќање на рати.

„ТЕ-ТО“ од август минатата година е на врвот на црната листа на неплаќачи на УЈП. Тогаш имаше неплатен данок на добивка од 15,9 милиони евра, а според последната листа, објавена пред некој ден, неплатениот данок на добива е 13 милиони евра.

Но, она што е збунувачко со новата одлука на Владата е што точно пред една година, таа донесе одлука за државна помош на „ТЕ-ТО“ и тоа во форма на одложување на плаќањата на неплатениот данок во рок од 9 години. Тогаш Владата беше остро критикувана зошто и дава помош на фирма која е под истрага за предизвикување на лажен стечај и перење на пари, а од Владата пред една година одговорија:

„Во интерес на државата е објектот да работи без запирање. Согласно со Законот за државна помош, Владата донесе одлука за одложување на плаќањето на даночниот долг“.

Долгот на „ТЕ-ТО“ што се води како данок на добивка всушност не е настанат од класична добивка, како разлика меѓу остварените приходи и расходи, туку тоа е долг настанат поради отпишани побарувања, кои исто така се оданочуваат како добивка.

Како што е познато, „ТЕ-ТО“ во 2018 година кус период беше во стечат и направи План за реорганизација, одобрен од судот, а кој опфаќаше и отпис на побарувањата што ги имаат доверителите, и тоа во висина од дури 150 милиони евра. Тогаш „Топлификација“ го обвини „ТЕ-ТО“ за отворање лажен стечај за да не ги плати обврските кон „Топлификација“, а Финансиската полиција соопшти дека поднела кривична пријава за сомнеж за лажен стечај во „ТЕ-ТО“, но и за отворена истрага за сомнеж за перење пари од сомнителни трансакции во Русија. Обвинителството ги отфрли кривичните пријави на акционерите на Топлификација и на Финансиската полиција, со образложение дека не смета дека треба да ги гони по службена должност.