ВМРО-ДПМНЕ со предлог за интерпелација на Филипче

12

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе предлог за интерпелација на министерот за здравство, Венко Филипче кого го нарекува министер за зараза и смрт, обвинувајќи го дека поважни му се провизиите за вакцини отколку животот на граѓаните.

„3340 починати од Ковид или најголема човечка катастрофа по Втората светска војна во земјава, 3340 причини Венко Филипче да си поднесе оставка. Нема македонско семејство каде нечиј близок роднина или пријател не почина. Овие животи можеа да бидат спасени ако системот функционираше. За жал во македонското здравство се умира и притоа нема одговорност. Наместо министер за здравје Филипче, стана министер за смрт“, изјави денеска Кирил Пецаков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

На прес-конференција Пецаков рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието ќе поднесе предлог за интерпелација на Венко Филипче, образложувајќи дека „сме единствени во светот по најлошото справување со корона кризата“.

„Македонија е на 118 место од 122 држави по број на вакцинирани. Од нас полоши се само Египет, Уганда, Св. Хелена и Екваторијална Гвинеја. И ова не го кажува ВМРО, ова го нотира Блумбер. Срам и резил.

Филипче е најодговорен за катастрофално справување со корона кризата поради неследење на кластери, немање лекови, немање болнички кревети, респиратори, протоколи за лечење и движење на пациенти и ненавремени и несоодветни мерки“, изјави Пецаков.

Меѓу другите обвинувања, тој го спомена и новиот клинички центар, изјавувајќи дека наместо да го направи Клиничкиот центар за кој ВМРО-ДПМНЕ обезбедило и проект и пари, Филипче почнал постапка за нов Клинички центар, три пати поскап.