Војната во Украина може да предизвика глобална рецесија, предупредува Светската банка

0

Руската инвазија врз Украина може да доведе до глобална рецесија бидејќи цените на храната, енергентите и вештачките ѓубрива растат, предупреди шефот на Светската банка, Дејвид Малпас.

На настан организиран од Американската стопанска комора, Малпас рече дека германската економија која е четврта по големина во светот, веќе е значително забавена поради порастот на цените на енергентите, а дека падот на производството на вештачки ѓубрива може да ја влоши ситуацијата во другите делови на светот.

„Гледајќи го глобалниот бруто-домашен производ, тешко е да се каже како можеме да избегнеме рецесија“,рече Малпас, но не даде подетална прогноза.

Тој рече дека се очекува значително намалување на економиите на Украина и Русија, додека Европа, Кина и САД ќе доживеат забавување на економскиот раст.

Малпас вели дека многу европски земји сè уште се премногу зависни од руските енергенти, а додава дека потезите на Русија за намалување на испораките на гас може да предизвикаат значително забавување во регионот.

„Самата идеја за двојно зголемување на цените на енергијата е доволна за да предизвика рецесија“,рече Малпас.

Минатиот месец, Светската банка го намали проектираниот глобален економски раст на 3,2 отсто од 4,1 отсто поради воената акција на Русија во Украина.