Во Гостивар и Дебар, сепак, ќе има втор круг

13

Во Гостивар и Дебар, за каде што синоќа лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, прогласи победа уште во првиот круг, сепак, ќе има и втор круг за избор на градоначалник, покажуваат првичните резултати од Државната изборна комисија (ДИК).

Кандидатите на Алијанса за Албанците и Алтернатива немаат освоено мнозинство од гласовите на оние што вчера излегле на избирачките места, па така во Гостивар и во Дебар, ако нешто не се смени по жалбениот процес, ќе има гласање и на 31 октомври.

Во Гостивар, според резултатите на ДИК, гласале 31 524 граѓани и од нивните гласови Таравари освоил 15 724 односно 49,88 отсто.

2 534 помалку има кандидатот на ДУИ, Невзет Бејта. За него гласале 13 190 гостиварци или 41,84 отсто.

Кандидатот на Беса, Фадил Зендели, е трет со 909 гласа, а Рената Елези од ДПА има 333. Во оваа Општина имало и 1 368 неважечки ливчиња.

И во Дебар пребројани се сите 8 046 гласа и резултатите покажуваат дека кандидатот на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Беким Поцеста, освоил 3 998 или 49,69 отсто. Актуелниот градоначалник и кандидат на ДУИ, Хекуран Дука, има 285 гласа помалку односно 3 713 што е 46,15 отсто.

Трет е кандидатот на ДПА, Петрит Клења, со само 37 гласови.

Бројот на неважечки гласови изнесува 298.