Вучиќ до Курти: Не можете да ја навредувате Србија, не претставувате држава

13

Курти на безбедносната конференција во Минхен го критикуваше балканскиот „мини шенген“ и, како што јавуваат српските медиуми, кажал дека „Србија треба да се ослободи од Косово“.

Како што јавува српски Курир, повикувајќи се на неименувани извори, Курти кажал и дека Приштина на Србија ќе ѝ воведе реципрочни мерки, на што српскиот претседател му одговорил: „Не можете да ја навредувате Србија“.

Вучиќ, обраќајќи му се на Курти, додал:

„Не претставувате држава. Половина свет, членки на Обединетите нации, не ве признава, а ако зборуваме за територија и повеќе. Ако продолжите со навредите, во ред е. Ние ќе направиме сѐ за да се одржат мирот и стабилноста, нема да нѐ испровоцирате. Со понижувањето на нашите напори околу мини шенгенот… јас не ве разбирам“, кажал српскиот претседател, и констатирал дека таа иницијатива за Курти е „преголем предизвик“.

Тој додал дека Курти, ако размислува за мерки на реципроцитет, треба да го прочита Бриселскиот договор..

„Таму пишува дека мора да формирате Заедница на српски општини. Тоа ви беше единствената обврска и ништо не направивте“, кажал Вучиќ, на што Курти не одговорил.

Панелот за западен Балкан се одржува зад затворени врати.