Груевски му се одмаздувал на Цаноски со „Космос“, Обвинителството бара затворски казни

9

Поранешниот министер Миле Јанакиески е ослободен од обвинението дека ја злоупотребил службената положба за јавната набавка во случајот „ТНТ“, предмет кој се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски кој претрпел штета во износ од 683.514.964 денари.

За останатиот дел од обвинението – незаконско уривање на „Космос“, обвинителството смета дека обвинетите ги сториле делата.

Обвинителот Бурим Рустеми пред судот на денешното рочиште се откажа од тој дел од обвинението во овој судски предмет во кој се обвинети и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, а во отсуство му се суди на поранешниот премиерот Никола Груевски. Обвинителот побара затворски казни за обвинетите, а за Јанакиески рече дека тој се извинил, ги потврдил разговорите, а тоа е олеснителна околност, која треба особено да се цени.

– Груевски ја злоупотребил функцијата и ја реализирал желбата да му се одмазди на политичкиот противник Фијат Цановски. Oбвинетите Груевски, Јанакиески, Трајковски, ја користеле политичката моќ за вршење влијание, претставувало упад во правниот систем , рече Рустеми според кого во текот на судскиот процес се докажало дека изјавата на Цановски е вистинита и дека му се одмаздувале на бизнисменот Цаноски.

Обвинителот предложи судот при изрекување на пресудата како околности да ги цени степенот на кривичната одговорност, последицата од делото односно штетата, фактот дека истите комбинирано се обидувале да ја избегнат кривичната одговорност, фактот што не изразија каење и жалење освен Јанакиески. И затоа сметам дека треба ефективна казна затвор за обвинетите, рече Рустеми.

Како олеснителни околности Рустеми му предложи на судот да има предвид и тоа што Јанакиески ги признал телефонските разговориб со Груевски.