Грција спречи 15.000 мигранти да влезат во земјата и нема да одобрува азил цел март

6

Мигранти кои се обидуваат да стигнат до Европа жестоко се судрија со грчката полиција додека Анкара тврди дека повеќе од 76.000 луѓе се движат кон Европската Унија откако претседателот Ердоган ја отвори турската страна на границата. Според Обединетите нации, оваа бројка е далеку помала.

Полицијата потврди дека најмалку 500 мигранти пристигнале преку морето до островите Лезбос, Киос и Самос. Таа употребила солзавец за да ја смири ситуацијата на вообичаено мирниот граничен премин кај североисточниот град Кастанес, откако била гаѓана со камења и други тврди предмети.

Грчките власти кажаа дека во саботата 10.000 мигранти биле спречени да влезат во земјата, а вчера уште 5.500, засилувајќи ја границата со дополнителен број војници.

Премиерот Кирјакос Мицотакис синоќа кажа дека Грција ги суспендира сите барања за азил на еден месец.

„Грција ќе ги заштити надворешните граници на Европската Унија и сите мигранти кои насилно ќе се обидат да влезат во земјата ќе бидат вратени назад. Грција нема да прима нови барања за азил во март“, изјави Мицотакис.