Грчка медицинска сестра им издавала потврди за вакцинираност на невакцинирани

2

И граѓани што не се вакцинирани добивале сертификат во болницата во Кардица на северот од земјата. Откриена е медицинска сестра што имала пристап до електронскиот систем, па им помагала на своите сограѓани што сакаат потврда бидејќи тој документ наскоро ќе им треба речиси насекаде.

Сѐ повеќе има лажни потврди за вакцинација во Грција, во кои е вклучен медицинскиот персонал од болниците. Одговорот на владата на последниот скандал во болницата во Кардица, каде што се издадени десетици лажни потврди, е усвојување закон што предвидува строги казни за сторителите.

Вмешан е медицинскиот персонал, кој има можност да влезе во системот за вакцинација и со тоа на оние што ја избегнуваат вакцината да им ги решат сите проблеми со лажна потврда. Околу педесет случаи беа откриени во болницата во Кардица за само еден месец, иако порано имало такви случаи во други градови. Системот функционирал така што во списокот биле внесувани податоците на граѓани што никогаш не се пријавиле за вакцинација, но се согласиле да земат потврди, главно без печат на лекар. Издавањето лажни потврди го организирала медицинска сестра што имала пристап до електронскиот систем. Се разбира, тоа било со соработка со граѓаните, кои на тој начин се обиделе без вакцинација да добијат сертификат, кој станува задолжителен од 13 септември при влегување во затворен простор. Постои сомневање дека бројот на издадените сертификати е многу поголем бидејќи тоа биле податоци за случаи откриени само во август.

Медицинската сестра е под истрага бидејќи, покрај тоа што издала лажни потврди, се поставува и прашањето што се случило со вакцините чии броеви биле внесени во системот, но никогаш не биле искористени.

Од 1 септември, со одлука на владата, вакцината е задолжителна за сите медицински работници, во спротивно ќе бидат суспендирани од работните места. Досега одлуката опфати околу шест илјади медицински лица, додека еднаков број невакцинирани лица побрзаа да се вакцинираат што е можно поскоро. По протестите, кои секојдневно ги организираа лекарите и медицинскиот персонал поради задолжителната вакцина, владата направи отстапка дозволувајќи им на оние што одлучиле да ја примат вакцината да останат на своите работни места по првата доза. Отпорот против вакцини останува висок, но судејќи според одлучноста на владата на Мицотакис да го регулира овој проблем што е можно поскоро, мерките за влез во затворен простор ќе бидат дополнително заострени од 13 септември, што значи дека невакцинираните луѓе нема да можат да влезат во трговски центри или ресторани., спортски сали, освен ако не направат 48-часовен брз тест, кој ќе го плаќаат од свој џеб. Се воведува строга контрола во училиштата, обврска за тестирање двапати неделно, со можност за затворање доколку се регистрираат 50 проценти плус едно заразено лице.

Бројот на заболените во Грција се стабилизира на околу 3.000 дневно, но загрижува зголемувањето на бројот на луѓето на респиратори, на кои веќе се над 400 пациенти. Во последниве денови, лекарите се соочуваат со случаи на тешки пациенти кои одбиваат да бидат приклучени на респиратори. Имаше и смртни случаи, иако медицинскиот персонал прави сѐ за да ја надмине оваа „лична пречка“ и да ги спаси животите на пациентите. Во неколку случаи, семејството било против приклучување на респиратор.

Инаку, 92% од тешките случаи се луѓе што не се вакцинирани, па затоа владата и епидемиолозите апелираат до сонародниците да ја примат вакцината, да ги вакцинираат децата што одат на училиште, да го заштитат својот живот, но и здравствениот систем, кој веќе е преоптоварен со тешки случаи, особено што во Грција веќе се појави мутацијата „му“ на коронавирусот.