ДАЛИ СМЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА ПРЕГОВОРИ?

256

Преговорите со ЕУ значат усмерување на севкупното управување на државата кон европските политики. Значи нови вработувања исклучиво во секторите кои се реформираат заради приближувањето кон ЕУ

Д-р Марија Ристеска

Со потврдата на одлуката на Советот на министри за отпочнување на преговори со Македонија и Албанија се отпочнува со нова фаза во европската интеграција на земјата. Ако гледаме историски на Европската комисија и се потребни во просек три месеци за да подготви рамка за преговори за која земјите членки треба да преговараат и штом се уточни да ја предложат на нашата Влада. Со оглед на фактот што ние имаме техничка Влада ќе се чека до избори за да може новата Влада да утврди преговарачки позиции па дури потоа да се усвои преговарачката рамка. Пoтоа потребно е да се утврди датум за почетокот на преговори и датум за меѓувладина конференција за пристапување.

Новата методологија за проширување на ЕУ е битен фактор за тоа кога ќе отпочнеме преговори. Таа е одговор на потребата од стабилизирање на ЕУ (купување време додека се спреми за ново проширување) и континураното опаѓање на демократските капацитети кај земјите кандидати поради што истата нуди реорганизација на поглавјата во кластери за да може да придонесе кон засилување на динамиката на европските реформи во земјите кандидати (преку начинот на отварање на кластеритеЧ со отварање на кластер истовремено ќе се отворат сите поглавја во кластерот), но и со вклучување на она што досега се оценуваше пред преговори (демократски институции, РЈА и економски критериуми) во преговарачка рамка, а јавни набавки и финансиска контрола е во кластер фундаменти/темели. Значи ЕУ е свесна дека отвара преговори со земји кои не ја оствариле потребната демократска и слободно-пазарна трансформација.

Промената на методологијата за проширување и направената реорганизација на поглавјата, но и вклучувањето на прашањата кои досега беа оценувани пред да се отпочне со преговори (врзани со критериумите од Мастрихт), а за кои нема заедничка политика на ЕУ (на пример владеење на право, реформа на ЈА, слобода на медиуми, корупција и сл.) ќе го зголеми предизвикот на Комисијата да изработи преговарачка рамка во новите услови. Мое мислење е дека за сите овие прашања има рамка на стандарди развиена од Совет на Европа која претпоставувам ЕУ ќе ја искористи при дефинирање на рамката, но задачата ќе биде нова и одсега неможеме да претпоставиме што ќе вклучува. Истовремено, новата методологија ќе и даде за право на Владата да одлучи освен темелите кој друг кластер ќе го отвори во преговори. За да извлечеме најмногу од новиот процес потребна е автономност во одлуката за кој кластер да се отвори што ќе влијае на спремност на институциите за приближување и имплементација на политики како и капацитет преку проекти да се повлечат средствата кои се нудат како награда за успехот.

Зошто е ова битно? Заради тоа што во зависност од ова каква преговарачка рамка ќе предложи ЕУ, кои преговарачки позиции ќе ги имаме ние како земја, кој кластер ќе го отвориме, на основа на ова можеме да оцениме дали сме подготвени за преговори. Таа оценка треба да ги вклучи проценката на човечките ресурси со специјализација за ЕУ кои за жал се намалуваат во јавната администрација како резултат на немањето европска перспектива скоро десет години, но и немањето на политика за задржување. Потоа оценка колку во кластерите кои први ќе се отворат се имаме веќе приближено (ЕУ регулативата е веќе пренесена во македонското законодавство), но и колку од непренесената регулатива ја имаме преведено. Потоа доаѓа соработката на Владата со бизнисот, академските институции, социјалните партнери и граѓанското општество во преговорите (заради тоа што ова е процес кој треба да ги мобилизира сите експертски ресурси). Конечно ќе значи и проценка на подготвеност со проекти, нивната зрелост за да може да се влечат во зависност од успешноста на затварање на кластерите средствата кои ЕУ со новата методологија ги постави како мотивирачки елемент во проширувањето за земјите кандидатки (иако успешноста сега ќе биде оценувана од сите земји членки што го прави процесот пополитички).

Преговорите со ЕУ значат усмерување на севкупното управување на државата кон европските политики. Значи нови вработувања исклучиво во секторите кои се реформираат заради приближувањето кон ЕУ, но и внимателна проценка на финансиските потреби за реализација на процесот: обезбедување на средства за обуки на администрацијата, за ангажирање надворешни експерти и консултанти, за патувања и престои во странство, за превод на европското законодавство, за градење на институции кои досега сме ги немале а со кои треба да се регулираат и спроведат областите кои ги уредува европското право. Бидејќи со новата методологија процесот станува пополитички и се зголемува улогата на земјите членки во преговарање, ова ќе значи дека од нас ќе се бара поголема соработка со ЕУ соседите, но и присуство и активно учество со разни експертски тимови на редовни самити ЕУ – Западен Балкан, и во комисиите во Европскиот парламент и Европската комисија. Сето ова ќе влијае на запознавање меѓусебно, потенцијално менување на перцепциите за земјата и поголема поддршка на проширувањето, но и притисок политички за исполнување на одредниците. Неминовно ќе значи и потреба од поголем буџет за ЕУ интеграцијата на земјата.

Марија Ристеска е доктор по јавни политики и магистер по европска јавна администрација и политики. Ристеска е директорка на Центарот за истражување и креирање политики и регионална директорка на мрежата на организации Чувар(к)и на јавно ќесе во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија, Молдавија и Србија. (koha.mk)