Дендиас: Апсолутно сум добро, со две гребнатини од падот

6

 

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас ја прекина посетата на Света Гора и се врати во Атина, откако утрово, додека ја следел литургијата во еден од манастирите, му се слошило поради ортостатска хипотензија и паднал, а како што самиот напиша на Твитер е целосно добар со „две гребнатини од падот“.

-Искрено им благодарам на оние кои изразија интерес за моето здравје. Апсолутно сум добро, со две гребнатини од падот и импресиониран од она што го видов и слушнав од првата посета на МНР на Света Гора во последните 11 години. Се обврзав дека ќе се вратам наскоро, напиша Дендиас на „Твитер“.

Од Министерството за надворешни работи на Грција, како што веќе објави МИА, утрово брифираа дека Дендиас имал појава на ортостатска хипотензија, но е во добра здравствена состојба.

Според државната телевизија ЕРТ, веднаш интервенирал лекар кој го прегледал Дендиас.

Шефот на грчката дипломатија ги прекина планираните активности за денеска, во рамките на неговата дводневна посета на Света Гора што започна вчера и се врати во Атина.