Ден Дончев: Снимките се нецелосни и се вадени од контекст за манипулација на јавноста

32

Поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев денеска преку соопштение реагира на вчера објавените аудио и видеоснимки на Јутјуб при што го демантира контекстот во кој се ставаат и ги отфрла сите инсинуации и манипулации кои, како што вели, се со цел за негова политичка деградација.

Тој посочува дека е забележливо оти снимките се нецелосни и се вадени од контекст со цел во јавноста да се постигне одреден наратив и во писмениот демант ја објаснува секоја снимка посебно.

„За првообјавената снимка, се што имав да кажам за случајот Дијамед, јавно и официјално го изнесов како директор на Фондот за здравство. Случајот е тежок околу 200 милиони евра. Како што е општо познато во јавноста, во банка во Монако се замрзнати 9 милиони евра, а во Македонија 2,5 милиони евра, на име на поранешната сопственичка Вера Иванова“,

истакнува Дончев и во прилог го праќа линкот од прес-конференцијата кога беше директор каде зборува токму за овој случај.

„Главното прашање коешто произлегува од ова е зошто државата доделила толку штетна концесија преку која 12 милиони евра се слеани во приватни џебови?“,

прашува Дончев и контатира дека од тука, треба да стане јасно зошто е под константен напад од одредени центри на влијание.
Дончев во писмената изјава вели дека за овој случај имал многу средби и разговори, некогаш официјални, некогаш консултативни, а некогаш неформални, чија цел била да се најде најдобриот и најсоодветниот начин да се заштитат интересите на државата, но притоа ни во еден миг да не се загрозат услугите на пациентите на кои им е потребна дијализа. Токму во двете снимки, тврди тој, се разговара за можните стратешки правци за дејноста дијализа по продажбата на Дијамед Македонија.

За втората и третата снимка вели дека се од приватен карактер и не се поврзани со извршување на неговата јавна функција.

„Станува збор за приватни деловни односи помеѓу мој долгогодишен пријател кој е малцински сопственик во една македонска сателитска компанија и компанија од Србија како мнозински сопственик. Бев известен од малцинскиот сопственик дека има поднесено пријава во финансова полиција и пријава до СВР Скопје, единица за стопански и компјутерски криминал, а воедно побарал и судски да се дозволи ревизија на работењето на сателитската компанија. По извесен период од овие пријави, претставници на акционерскиот капитал од Србија иницираа контакти со малцинскиот акционер со цел да се најде решение на долгогодишните проблеми. Бидејќи во тој период малцинскиот сопственик беше тешко болен и на операција во Виена, побара од мене, во својство на пријател, да му помогнам нему и неговата фамилија во тие тешки мигови со цел да се најде заедничко прифатливо решение. Објавениот разговор е токму во тој контекст. До такво решение не дојде и според моите сознанија спорот се уште трае“,

вели Дончев во изјавата.
Во денешниот демант Дончев истакнува дека со институциите кои се споменуваат немал никакви директни или индиректни комуникации и дека во објавениот разговор тие се споменуваат врз основа на информациите кои ги добил од малцинскиот сопственик врз основа на неговите пријави.

„По заздравувањето на малцинскиот акционер јас ги прекинав сите контакти и понатаму тој си продолжи да си ги бара правата преку институциите на системот“,

истакнува Дончев на крајот од демантот.
Тој вели дека сега останува државните институции да си ја вршат својата работа.

Вчера на Јутјуб на корисник наречен „Лепливи раце“ беа објавени три аудио и една видеоснимка, на кои се слуша гласот на Дончев, кој поднесе оставка на почетокот на кризата со коронавирусот.

Карактеристично за снимките е што се забележува дека се сечени и да им се даде контекст во врска со случајот со фирмата „Диамед“ за што Дончев беше обвинет од ВМРО-ДПМНЕ дека го менаџира обидот да се одврати шведската компанија „Диаверум“ од купување на оваа фирма, заедно со министерот Венко Филипче.