Дибиров: Сè уште е рано да се зборува, но Михајловски заврши голема работа

32

Тимур Дибиров во осумте години кои ги мина во Скопје, стана вистинска легенда на Вардар. Еден од најверните ракометари кои не го напуштија клубот ниту во кризата, во разговор со рускиот „Брз Центар“ призна дека одбивал понуди за да остане во Македонија.

Како еден од играчите со најдолг престој, крилото освен симпатиите на фановите ја ужива довербата и од клупската управа. Русинот доби прашање околу промената на претседателот и доаѓањето на Михајло Михајловски, па призна дека сезонава имале многу проблеми и се надева на подобра.

„Мислам дека не е време да се проценуваат промените, особено бидејќи не сме се вратиле на тренинг како тим. Но, според мене за еден клуб да просперира и да се развива, по секој голем успех мора да се направи промена.

Откако ја освоивме првата титула во ЛШ, обновата беше важна исто како и по втората. Сепак, минатава сезона имавме ограничени ресурси и недостаток на опции. Немавме доволно играчи да ја покриеме ротацијата. Деветте нови потписи за следната сезона се добредојдени во двократниот европски првак“, изјави Тимур.

Вардар претрпе големи кадровски промени по заминувањето на Сергеј Самсоненко од клубот и враќањето под покритие на Михајло Михајловски. Иако многумина очекуваа дека квалитетот ќе опадне, импресиите велат поинаку и „црвено-црните“ со покомплетен тим ќе влезат во новата сезона во Лигата на шампионите, СЕХА и македонското првенство.