Димитров -Дендиас: Важно е да се исполнуваат обврските од Договорот од Преспа

6

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска се сретна со шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас, кој престојува во официјална посета на Македонија.

На средбата биле разменети мислења за билатералната соработка, со посебен осврт на политичките односи и економските активности, како и за европската перспектива на Македонија и регионот. Исто така, биле разгледани и можностите за зајакнување на секторската соработка, економската размена и инвестиции.

„Разговаравме за оваа нова ера од нашите односи, констатиравме дека е особено важно да продолжиме посветено да работиме на обостраната имплементацијата на обврските од Преспанскиот договор. Меѓутоа разговаравме и за многу други прашања, како што се одржување на првата седница на Експертската комисија за трговски марки, како и што е можно побрзото одржување на првиот состанок на експертите за отворање на новите гранични премини кои што веќе ги договоривме“, изјави Димитров на прес-конференцијата.

Тој информираше дека добил покана од Дендиас на работен доручек со министрите за надворешни работи на земјите-членки на 9 декември во Брисел.

Димитров изрази благодарност што шефот на грчката дипломатија го потпишал писмото заедно со други четиринаесет земји-членки на Европската унија во поддршка на отворање на пристапните преговори, писмо до претседателот на Комисијата.

Од грчка страна била реафирмирана континуираната поддршка за европската перспектива на Македонија и регионот.

Дендиас исто така се сретна со претседателот Стево Пендаровски, а ќе има средба и со премиерот Зоран Заев.