Дијалогот со Србија не е приоритет, туку е на шесто или седмо место: Курти по победата на изборите во Косово

43

Лидерот на Самоопределување и кандидат за старо-нов премиер на Косово, Албин Курти, чие движење победи на вчерашните предвремени избори, рече дека „дијалогот што Косово и Србија го водат преку Европската Унија нема да биде приоритет за влада што ќе ја предводи, пренесува „Косово онлајн“.

„Дијалогот со Србија е на шесто или седмо место. Наш приоритет се правдата и вработувањето“, рече Албин Курти.

Тој посочи дека ќе воспостави правда, но без одмазда.

“Ние нема да се одмазуваме на никого, ама ќе бараме правда. Секој од нас мора да ја преземе одговорноста за да ја направиме нашата земја можна за живот”, рече Курти.

Според последните информации на Центарлната изборна комисија на Косово, од над 97 проценти преброени гласови, Самоопределување убедливо води на овие избори со 48,17 проценти од гласовите. Поточно, во новиот состав на парламентот, партијата на Курти би имала 55 пратеници, од потребните 61 за мнозинството.

Следна е Демократската партија на Косово, која досега освои 17,32 проценти и Демократскиот сојуз на Косово, која освои 13,18 проценти. Алијансата за иднината на Косово освои 7,40 проценти, Српската листа 5,27 проценти (сите 10 места беа предвидени за српската заедница во Косово), а Социјалдемократската иницијатива остана далеку под прагот, со 2,59 проценти од гласовите.

Во март минатата година, во екот на пандемијата на коронавирусот, парламентот во Приштина ѝ изгласа недоверба на владата на Курти, која беше на власт само неколку месеци.

Но минатиот месец, Уставниот суд на Косово донесе конечна пресуда според која новата влада, предводена од Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), се прогласува за нелегитимна и се наложува одржување вонредни парламентарни избори.

Судот пресуди во корист на Самоопределување на Курти, кое го оспори правото на глас на еден од пратениците во Собранието кои гласаа за избор на кабинетот на Хоти, поради тоа што бил правосилно осуден поради кривично дело.

Лани во септември, Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ, во Вашингтон, потпишаа договор за нормализација на економските односи помеѓу Белград и Приштина. Договорот беше потпишан во присуство на тогашниот американски претседател Доналд Трамп.