Додик: Русија е единствениот чувар на меѓународното право на Балканот

9

Српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик изјави дека Република Српска не сака да влезе во НАТО и повтори дека нејзината политика останува политика на воена неутралност.

Тој во интервју за ТАСС, по одлуката на Претседателството на БиХ да ја усвои Програмата на реформи за НАТО, кажа дека Српска е под голем притисок околу прашањето за членство во НАТО бидејќи, како што вели, Западот би сакал сите држави да бидат членки на НАТО.

„Нивната цел е јасна. Тие тоа го обликуваат така што им кажуваат на земјите дека треба да тежнеат да бидат примени во НАТО, а ако не, тогаш тоа е проблем. РС нема намера да ја менува својата стратегиска определба, а тоа е воена неутралност“, кажа Додик.

Според него, Република Српска не гледа предност во НАТО како другите земји, бидејќи беше бомбардирана од НАТО.

Додик додаде и дека Русија останува последниот меѓународен играч на Балканот, кој се придржува и го брани меѓународното право во регионот. „Се смета дека Русија ја фаворизира Србија, меѓутоа Русија им предлага проекти и на Хрватите и на Бошњаците, а тие ги одбиваат, бидејќи не се осмелуваат на соработка со нив поради ставот на Западот“, кажа тој.

„Русија е единствениот чувар на меѓународното право на Балканот, а тоа за нас е важно бидејќи значи дека не нѐ контролираат сите клучни западни играчи. Видовме како одлуката за бомбардирањето на Србија и Република Српска беше донесена без резолуција на Советот за безбедност на ОН. Тоа е многу опасно“, додаде Додик.

Зборувајќи за енергетската соработка со Русија, Додик истакна дека изградбата на Турски тек ја прави РС енергетски побезбедна. „Изградбата на гасоводот преку Србија и Бугарија отвора одредени можности за нас“, кажа Додик.