Еве ги добрите вести за коронавирусот што сега му требаат на светот

Не само што некои терапии го намалуваат ризикот од компликации, туку лекарите се обучија и како подобро да користат вентилатори. Стапките на смртност поврзани со механичката вентилација се пониски, т.е. се на исто ниво со стапката на смртност кај други тешки проблеми со белите дробови предизвикани од други заболувања, вели БГР.

531

Соединетите Држави ја доживеаја својата најлоша недела од пандемијата на коронавирусот досега. Само во последните три дена беа дијагностицирани повеќе од 150.000 случаи со просек од над 50.000 случаи на ден.

На остатокот од светот не му оди ништо подобро – барем колективно: цели три дена се пријавуваат повеќе од 200.000 случаи на ден и се надминаа вкупно над 11,5 милиони случаи. Повеќе од 537.000 луѓе починаа од почетокот досега. Уште илјадници ќе умрат до октомври, според процените. Вирусот можеби се шири побрзо од порано, благодарение на една потенцијална значајна мутација.

Сепак, се чини дека оваа генетска промена не влијае на ефикасноста на вакцините и другите лекови, така што таа не го прави вирусот посмртоносен од порано. За новиот огромен пораст на бројот на заразени се одговорни луѓето што ги игнорираат упатствата за социјално растојание и маски за лице.

Кога сè ќе се сумира, ова се сериозни бројки и факти што сликаат јасна и загрижувачка слика. Болеста нема да замине во скоро време. Таа нема да исчезне, како што Трамп постојано вели, и нема да забави во текот на летните месеци. Но во сето ова има и неколку добри вести што треба да се истакнат. Иако сè уште многу луѓе низ целиот свет умираат од компликации на ковид-19, лекарите пријавуваат сè поголеми стапки на преживување кај тешките случаи што завршуваат на механичка вентилација.

Сега потребата од кислород и вентилатор не изгледа како смртна казна, како што се чинеше во март и април. Жариштата во Италија и Њујорк тогаш емитуваа мрачна слика. Властите беа загрижени дека здравствените системи ќе бидат совладани од многуте заразени, што ќе предизвика недостиг од ресурси во болниците. Пристапот до вентилатор тогаш беше еден од проблемите, а неколку извештаи укажуваа дека пациентите што треба да се интубираат, а потоа да се поврзат со машина за дишење, веројатно нема да преживеат.

Оттогаш нештата значително се подобрија. Не само што некои терапии можат да го намалат ризикот од компликации, туку лекарите се обучија и како подобро да користат вентилатори. Болниците известуваат за пониски стапки на смртност поврзани со механичката вентилација, кои се на исто ниво со стапката на смртност кај други тешки проблеми со белите дробови предизвикани од други заболувања.

Можеби помогна пристапот до нови терапии како ремдесивир и дексаметазон. Ремдесивирот го скратува времето на оздравување кај благите случаи, а дексаметазонот може да ја намали смртноста. Фактот дека болниците се помалку пренатрупани исто така помага, бидејќи им дава повеќе време на лекарите да им се посветат на пациентите. Ставањето пациент на машина за дишење бара многу работа на приспособување за прецизно да се задоволат потребите за кислород кај конкретниот пациент. Но лекарите се и поквалификувани во користењето на вентилаторите од порано. Освен тоа, првичните бројки на смртноста од Вухан, Италија и Њујорк, можеби не даваат точна слика, пренесува Вашингтон пост.

Студијата на Нортвел хелт од средината на април велеше дека скоро девет од 10 пациенти што одат на вентилатори нема да преживеат. Истражувачите подоцна мораа да ја поправат студијата, истакнувајќи дека починале само 24,5% од пациентите набљудувани во тоа време, додека 72,2% останале во болницата. Првично, студијата велеше дека 88% од луѓето на вентилатори умреле.

„Да се биде на вентилатор сега во наши раце воопшто не се разликува од кој било ден во годината“, рече Грег Мартин за Пост. Професорот по медицина на Факултетот за медицина на универзитетот Емори и неговите колеги објаснија во студијата на 26 мај во списанието Медицина за критична нега дека 35,7% од пациентите со ковид-19 на вентилатори умреле. Ова сè уште е голем процент, но не е ни одблиску толку висок како првичните тврдења.

Податоците на Медицинскиот центар на Роналд Реган УЦЛА покажуваат дека стапката на смртност кај пациенти со вентилација е помеѓу 30% и 50%. Ова е исто со стапката на луѓе што развиваат синдром на акутна респираторна болка (АРДС) поврзана со други болести. Истата компликација се забележува и кај тешки случаи на ковид-19.

Освен тоа, лекарите учат како подобро да препознаат кој има потреба од интубација и да ја избегнуваат вентилацијата кога е можно. Техниките како лежечка позиција на стомак, како и поголемата свесност за системското згрутчување на крвта кај ковид-19, исто така, можат да помогнат во справувањето со тешките случаи. Околу 20% од симптоматските пациенти имаат потреба од хоспитализација, а 5% завршуваат на интензивна нега, вели научен труд објавен на 22 мај. Повеќето од нив потоа ќе напредуваат кон вентилирано дишење.

Тоа не значи дека луѓето треба да почнат да го спуштаат штитот. Стапката на смртност кај оваа болест останува голема и на некои од ризичните пациенти што завршуваат на вентилатори можеби ќе им требаат неколку недели пред да заминат, а потоа уште неколку недели за да се опорават. Социјалното растојание, маските за лице и миењето раце треба да останат главни приоритети.