Експлозија на остров во Ламанш, едно лице загина, неколкумина се водат како исчезнати

2

Едно лице загина, а неколкумина се водат како исчезнати по експлозија во станбена зграда на островот Јежи, во близина на каналот Ламанш на брегот на северна Франција.

Полицијата во Џерси потврди дека пред експлозијата била повикана противпожарната служба откако жителите пријавиле дека мириса на гас, но не ја коментирала причината за експлозијата.

„За жал, имаме трагични вести, потврдена е смртта на едно лице“, изјави Робин Смит, началник на полицијата во Џерси, според Ројтерс.

Експлозијата се случила утрово нешто пред четири часот.

Началникот Смит потврди дека противпожарните служби биле повикани пред експлозијата, откако жителите пријавиле дека мириса на гас. Тој не ја коментираше причината за експлозијата и рече дека тоа ќе биде предмет на истрага.

Смит додаде дека трикатната зграда, која се наоѓа во близина на пристаништето во главниот град на островот Сент Хелиер, целосно се урнала, а операцијата за пребарување и спасување започнала за пронаоѓање на уште десетина луѓе.

Тој рече дека евакуирани се од 20 до 30 лица и дека има полесно повредени на болничко лекување.

Запрашан за можноста за повеќе смртни случаи, тој изјави: „Мораме да признаеме дека постои опасност да имаме уште смртни случаи“.

Џерси е автономен посед во сопственост на британскиот суверен во Ламанш помеѓу бреговите на Франција и Англија, има свој финансиски и правен систем и има население нешто повеќе од 100.000 жители.