ЕУ повикува на прекин на огнот во Сирија

6

Шефовите на држави и влади на Европската Унија го повикаа режимот на Башар Ал Асад и неговите поддржувачи веднаш да и стават крај на воената офанзива во Идлиб.

-Обновената воена офанзива на сирискиот режим и неговите поддржувачи во Идлиб создава огромно човечко страдање и е неприфатлива, посочи ЕУ во соопштение од самитот кој се одржува овие денови во Брисел и повика на одржлив прекин на огнот.

ЕУ бара од сите страни да ги почитуваат своите обврски согласно меѓународното хуманитарно право и да дозволат пристап на хуманитарните организации до најранливите групи.

-ЕУ го повторува на најостар начин својот повик до сите страни да гарантираат заштита на цивилите и целосно да ги имплементираат своите заложби од Меморандумот од Сочи од 17 септември 2018. ЕУ поддржува кредибилно политичко решение согласно резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН, стои во реакцијата на лидерите.

Лидерите потсетија дека стојат зад нивниот став дека сите нарушувања на меѓународното право и човечките права треба да бидат осудени и повторуваат дека ситуацијата во Сирија треба да биде предмет за Меѓународниот кривичен суд.