Заев: До сега реализирани 82 отсто од економските мерки во износ од 860 милиони евра

7

Ако не беа мерките кои ги донесе Владата за поддршка на компаниите, граѓаните и на економијата, падот на домашниот бруто-производ минатата година ќе изнесуваше минус 8,7 отсто, а не минус 4,5 отсто, рече премиерот Зоран Заев на прес – конференција посветена на збирниот ефект од четирите пакет мерки, реализацијата на буџетот, информација за тековните економски движења, како и за очекувањата за оваа економска година.

„Досегашниот ефект од четирите пакети мерки е 860 милиони евра, односно степенот на реализација е 82 отсто во однос на она што беше планирано“, рече Заев.

Тој појасни дека првиот пакет мерки е реализиран со 91,1 отсто од планираното, вториот пакет е целосно реализиран, третиот со 75,4 отсто и четвртиот пакет 72,7 отсто.

„Треба да се има во предвид дека некои од мерките од третиот и од четвртиот пакет се уште се реализираат и можно е на крајот нивната реализација да достигне 99 отсто“, рече Заев.

Тој појасни дека доколку не била поддршката на граѓаните и на компаниите падот на приватната потрошувачка ќе изнесувал 11,8 отсто наместо 5,6 отсто.

„Беа донесени 70 различни мерки за поддршка на компаниите, вработените, граѓаните…, “, рече Заев, нагласувајќи дека сите пакети економски мерки биле насочени за помош на граѓаните, зачувување на нивните работни места, социјалната сигурност и за креирање брзи излезни стратегии од кризата.

Нивното донесување, како што додаде, беше транспарентно и во соработка со другите чинители во општеството – стопанските комори, работодавачите и синдикатите.

Од 70 донесени мерки, 21 мерка во износ од 30 милиони евра се уште се во тек, односно се спроведуваат. Седум мерки кои ги усвои Владата во рамки на петтиот пакет во износ од дополнителни 150 милиони евра се во собраниска процедура, рече Заев апелирајќи до пратениците да ги донесат што побрзо.

Премиерот Заев исто така нагласи дека показателите во економијата во почетокот на годинава се охрабрувачки, како полнењето на Буџетот, растот на извозот, кредитирањето, растот на просечната плата и тн.

Зборувајќи за полнењето на Буџетот, Заев рече дека се одвива според планираното, како и дека приходите се повисоки во однос на преткризниот период од минатата година.

Така, во првиот квартал годинава приходите се 48,5 милијарди денари или 22,8 проценти од вкупно планираните приходи за годинава и се повисоки за 4,4 отсто од приходите во истиот период за 2020 година кога кризата со пандемијата уште не беше почната. Повисоки се и даночните приходи и придонеси за 5 отсто, а наплатата од даноците е повисока за 6,2 отсто.

„Добрата кондиција на Буџетот во првиот квартал и позитивните трендови што се препознаваат се должат на преземените мерки, но и на довербата на деловната заедница во мерките кои овозможија стопанството да не работи во грч туку да ја следи бизнис логиката дури и во вакви услови“, рече Заев.

Извозот номинално е зголемен за 15,4 отсто во јануари на годишна основа, а истоврмено увозот за 5,3 отсто, што придонесе трговскиот дефицит во јануари да се намали за 29 отсто. Во јануари прометот во внатрешната трговија номинално е поголема за 0,8 отсто на годишно ниво, просечната плата е повисока за 2,7 отсто, а позитивни трендови има и кај кредитирањето на граѓаните и фирмите. Така во февруари вкупните кредити биле поголеми за 4,4 отсто на годишна основа. Исто така, поволни трендови има и кај стапката на невработеност каде што е регистрирано намалување, а вработеноста е зголемена.

Премиерот Заев очекува дека домашната економија ќе се врати на патеката на економски раст во 2021 година и ќе ги надмине шоковите предизвикани од влијанието на пандемијата ворз економијата.

„Со закрепнување на глобалната економија, очекуваме дополнително закрепнување и на надворешната побарувачка, што силно влијае на нашиот извоз, како и со растот на домашната потрошувачка, поддржан и преку антикризните економски мерки, ќе се придвижи економскиот раст. Проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 14 отсто, бруто-инвестициите раст од 7,7 отсто, приватната потрошувачка реален раст од 3,5 отсто, јавната потрошувачка од 4,3 отсто, додека бројот на вработени е проектирано да порасне за 1,9 отсто, а невработеноста да се намали соодветно на тоа“, рече премиерот Заев. Тој додаде дека е уверен годинава ќе биде година на економско заздравување и на економски раст и развој, а на среден рок ќе се достигнат двојно повисоки стапки на раст во однос на просекот од изминатите десет години. Притоа премиерот Заев го издвои Планот за финансирање на забрзан раст и јавните капитални инвестициите во изззнос од 4 милијарди евра во следните четири години што ќе придонесат за забрзан развој на македонската економија.