Заев очекува да биде откриена вистината за „Монструм“

27

Сè што поседував како аудио снимки, СМС пораки, транскрипти и други докази за „Монструм“ при крајот на 2015 година ги предадов во СЈО. Колку што се сеќавам имаше над еден милион разговори и преписки за сите „бомби“. Дел од тие разговори ги имам слушнато, рече денеска во судница лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– За конкретниот случај видов разговори во форма на транскрипти кои што беа во дел од материјалите кои тогаш ги поседуваше СДСМ, а беа под името и презимето за тогаш веќе правосилно осудените лица. Кога ќе видите разговор односно транскрипт помеѓу лицето Фејзи Азири со друго лице знаете дека е од тој предмет. Имав повеќе средби со родителите на децата убиени крај Смилковско Езеро. Тие сакаа да дознаат повеќе информации што се случило. На една од тие средби дел од родителите изразија сомневање дека институциите на системот, посебно правосудниот кријат одредени податоци. Поточно се работеше за 4 или 5 комуникации помеѓу тогаш осудени лица за кои што еден од тие разговори беше сокриен од нив од страна на ОЈО како службена тајна. Јас ги извадив истите комуникации и пред нив ги презентирав. Јас не сум стручен за да знам дали тие се со законски или незаконски обезбедени мерки. Како човек чувствував потреба да ја знаат вистина која ја бараат – рече Заев.

Тој додаде дека средбите со родителите се одвивале во период кога лично тој ги селектирал материјалите која „бомба“ да биде објавена.

– Во февруари или март 2015 година можно е јавно да сум рекол дека ќе ги објавам материјалите за Смилковско Езеро, но тоа може не сум го сторил бидејќи може постоела нецеловитост за други материјални докази, а и не сум правник за да правно го согледам целиот настан. Затоа се што поседував не беше објавено во јавноста, туку беше доставено во СЈО, со цел тие да ја истражат вистината. Верував дека во такви околности немате доволно конкретна слика од транскриптите за објавување, бидејќи тоа ќе е само дел од сликата за тоа што се случило и може да предизвикам непријатни состојби кај населението. Ова се однесуваше и за случајот со А1 телевизија – рече Заев.

На прашање на обвинителката Фатиме Фетаи дали се сеќава дека ветил дека ќе ја објави вистината за овој случај, а во интервју за весник изјавил дека обвинетите неправедно се во затвор, Заев одговори:

– За вистината за која што зборувам се работи за ноторно постоење на докази преку комуникација на луѓе, осомничени или на друг начин вмешани во овој случај, дел се на носители на локална или извршна власт. Тие докази треба сериозно да бидат разгледани од судството. Затоа тогаш имав и сериозни замерки за ОЈО и баравме да се формира СЈО – нагласи Заев.

Тој рече дека очекува да биде откриена вистината и спроведена правдата во овој случај.

– Преку овој процес се надевам дека ќе има дополнителни одговори и завршување на овој случај – рече Заев.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Судскиот процес го води судијата Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.