Заев повторно патува за Брисел: Ќе оди на работна вечера со Борел и лидерите од Западен Балкан

2

Премиерот Зоран Заев денеска повторно ќе отпатува за Брисел, најавија од Владата. Тој оди на покана на потпретседателот на Европската комисија (ЕК) и висок претставник за безбедносна и надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, кој организира заедничка работна вечера со лидерите на земјите од Западен Балкан.

Според најавата, на средбата ќе се разговара за актуелни прашања од регионот во контекст на пристапувањето на земјите во ЕУ.

Од Владата велат дека непосредно пред работната вечер, Заев ќе има куса одделна средба со Борел, а утре ќе се сретне со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Пред десетина дена Заев, заедно со вицепремиерот, Никола Димитров, и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, исто така беше во Брисел на средби со челниците на ЕУ. Тогаш, исто така, се сретна Борел, како и со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, извршниот потпретседател на ЕК, Франс Тимерманс и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји. Исто така, се сретна со неколку европратеници и со шефот на дипломатијата на Португалија, Аугусто Сантош Силва, која е актуелен претседавач со ЕУ.