Заев: Поубаво е со повеќе пратеници, но 62 нè држат будни

27

По вчерашното гласање за доверба на Владата со 62 пратеници во Собранието, премиерот Зоран Заев денеска излезе со коментар дека таа бројка е доволна и дека со таков распоред на сили власта ќе остане будна. Исто така, не ја исклучи можноста и за зголемување на мнозинството.

„Убаво е мнозинството да е поголемо од 62, ама вака нè држи будни. Верувам дека ќе издржи 4 години. Тоа носи и свои придобивки. Ја користам секоја можност да испратам апел, на ниво на проекти, да застанат колку што може повеќе пратеници од 62. Продолжувам да работам, да афирмирам, да замолам и анимирам, да се приклучат пратеници. Ако успееме, веднаш ќе соопштиме, ако не, 62 е стабилно мнозинство. Тешко беше за време на пандемија, имаме еден болен, еден во самоизолација и немате мнозинство да почнете седница, да носите одлуки“, рече Заев.

Тој повтори дека со вчерашното гласање се тргнала неизвесноста за граѓаните и економијата предизвикана поради заканите за ново мнозинство и паѓање на Владата.

Вчерашната потврда за довербата во Владата, Заев вели дека носи и одговорност да се одблокира работата на Собранието каде што се закочени неколку закони, како тие за енергетска ефикасност, за легализација на дивоградбите, за трамвајот на тркала во Скопје, за новиот Клинички центар…

Премиерот најави дека во наредниот период како кандидат за претседател на СДСМ ќе најави и нови политики за кои се размислува подолг период.

Гласањето за доверба на Владата денеска предизвика низа реакции и во опозициските редови. Поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од Христијан Мицкоски, кој подолг период најавува ново мнозинство. Мицкоски, пак, во интервју за „Дојче веле“ испраќа порака дека не се откажува и најавува дека следното прашање за доверба ќе го постави ВМРО-ДПМНЕ кога ќе има 65 пратеници.