Заев ја префрли топката кај обвинителството зошто доцна побарале притвор

35

Премиерот Зоран Заев по повод исчезнувањето на обвинетиот во „Тврдина-Таргет“ Сашо Мијалков за кого денеска ќе биде распишана меѓународна потерница, рече дека како и целиот народ и тој е разочаран, но топката ја префрли кај обвинителството, за кое рече дека доцна побарало мерка куќен притвор за ексдиректорот на УБК.

Заев кажа дека ако е одговорноста во извршната власт, оставки секако ќе има, и тука ги наброја од директорите на БЈБ и АНБ и министерот за внатрешни работи до премиерот, односно до него.

„Но, јас очекувам да се истражи целиот случај да се утврди каде е пропустот. За одговорноста во извршната власт немам дилема, ама ако излезе дека се одговорни другите институции во оваа постапка, како судот и обвинителството, очекувам и тоа како таму да има одговорност“, рече Заев, кој сè уште се надева дека исчезнатиот Мијалков ќе биде најден и ќе го прими решението за куќен притвор, по денешното сведочење во судот за предметот „Титаник“.

На прашање зошто МВР до обидот за врачувањето на решението во преписки, за кои неофицијално дознаваме дека има докази, тврдело дека „тука е човекот“, а кога требало да се врачи решението го снемало Мијалков, Заев кажа дека не е тој личноста која треба да врши истрага за овие работи и повтори дека очекува Мијалков да биде најден. Но, тој додаде дека обвинителството е тоа кое бара и добива од мерки судот, односно поднесува предлог за притвор, а судот постапува, со забелешка дека предлогот и одлуката за притвор се донесени на крајот од викендот, односно синоќа во 21 часот.