Захариева: Бугарија ќе го следи пописот во Македонија зашто властите ќе направат сѐ за да има помалку Бугари

8

И Европа и Бугарија ќе го следат спроведувањето на пописот во Македонија за да биде направен според сите европски стандарди и правила, најави доскорешната бугарска вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.

Захариева, како што објави Днес.бг, тврди дека пописот во Македонија е одложен заради проблеми со Албанците.

„Пред четири години виновна им беше Грција, две години подоцна виновни им беа други две држави, Холандија и Франција, сега виновна е Бугарија. Скопје не треба да бара надворешни причини за недостатокот на реформи во државата“, вели таа.

На прашањето дали треба Бугарија да реагира ако на пописот малку луѓе се изјаснат како Бугари, со оглед дека 120.000 македонски граѓани зеле бугарски пасош врз основа на потекло, Захариева изјави дека дури откако Бугарија реагирала на низа случаи на нарушување на правата на лицата со бугарска самоопределба, има луѓе кои веќе даваат писмени сигнали, но страв сѐ уште има.

„Тогаш кога не можете да најдете работа или да ја загубите работата само затоа што сте се определиле како Бугари, кога без никаква причина ве посетуваат агенти од националната безбедност, тогаш кога таблиците на колата ќе бидат оштетени само затоа што се бугарски, кога има притисок повеќе од 80 години, стравот е разбирлив. Но, откако ја видоа поддршката од Софија и видоа дека Бугарија нема да продолжи да молчи, дел од нив престанаа да се плашат. Сепак, страв сѐ уште има. Видовте што се случи со претставникот на Евровизија, тоа беше јавно пред очите на целиот свет. Така што се надевам дека Скопје нема да има образ да го негира тоа“, вели Захариева.

Поради тој страв, како што вели, Захариева не очекува на пописот сите коишто имаат бугарски пасоши да се изјаснат како Бугари и смета дека властите во Македонија ќе направат сѐ што можат Бугарите таму да се сѐ помалку.

„Ние немаме претензии за тоа како да се наречат. Проблемот со правото на самоопределување не е наш туку е нивен. Тие имаат проблеми со луѓето кои живеат таму и се чувствуваат и Македонци и Бугари.

Бугарија никогаш немала проблем со нивното право на самоопределување. Немаме претензии и не сме барале промена во нивниот Устав. Имаме проблем со јазикот на омраза кон сѐ што е поврзано со Бугарија, заради фалсификување на историјата“, изјави таа.