За 10 проценти е зголемен бројот на ученици што следат онлајн-настава

45

Неколку дена по стартот на учебната година, од МОН информираа дека 98 проценти од учениците до трето одделение следат настава со физичко присуство и дека 80 отсто од основците и средношколците успешно се приклучиле на предавањата од далечина
За околу 10 отсто, од почетокот на учебната година, е зголемен бројот на учениците кои следат онлајн-настава, информираа денеска од ресорното министерство.

За неполна недела, околу 80 проценти од учениците во средните и основните училишта, според Министерството за образование и наука, успешно се приклучиле кон онлајн-наставата, а овој процент од стартот на годината постојано се зголемува.

Останатите ученици и наставници во основно и средно образование пријавиле дека имаат тешкотии при вклучувањето во онлајн-наставата, а како најчеста причина ги посочуваат – лошата интернет-врска или немањето уреди.

Министерството за образование и наука, како што соопштуваат оттаму, е во координација со градоначалниците, локалните самоуправи и директорите на училиштата и се работи на надминување на овие предизвици.

Според МОН, моделот за онлајн-настава се покажал функционален и успешен, а наставниците и учениците се задоволни од тоа како се одвива наставата од далечина.

„Апелираме до сите оние што ја бојкотираат наставата дека секој изгубен ден од учењето е на директна штета на децата. Сите ученици мора да ја почнат учебната година и најважно од сѐ е образовниот процес да продолжи“,велат од ресорното Министерство.

МОН информира и дека над 98 проценти од учениците од прво до трето одделение следат настава со физичко присуство во училиштата, а нешто помалку од два проценти учат од далечина. За учениците што немаат уреди за онлајн-учење, а сепак треба да учат на далечина, според МОН, успешно се емитуваат 15-минутни часови на телевизија преку МРТ. Исто така, наставниците имаат обврска да им печатат материјали и редовно да им ги доставуваат, но и да бидат во постојана комуникација со нив и со нивните семејства, за да го следат совладувањето на наставниот материјал.