Зеленски: На гасната војна на Русија треба да се одговори со проширување на санкциите

1

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика вечерва Европа на „гасната војна“ која ја води Русија „да одговори“ со проширување на европските санкции против Москва.

„Денес слушнавме нови закани поврзани со гасот кон Европа. И покрај попуштањето околу турбината за Северен тек, Русија нема да продолжи со снабдување на европските земји со гас како што е обврзана со договор“, кажа Зеленски коментирајќи ја најавата на Газпром дека повторно драстично ќе го намали дотокот на гас во Европа.

Русија веќе два пати во јуни го намали обемот на своите испораки со оправдување дека гасоводот не може нормално да работи без турбината која е на поправка во Канада, а на Русија не ѝ вратена поради западните санкции.

Германија и Канада се договорија да ја вратат опремата на Газпром, но турбината сè уште не е доставена.

„Ова е отворена гасна војна која Русија ја води против обединета Европа. Не им е грижа што ќе се случи со луѓето, колку ќе се мачат од глад поради блокадата на пристаништата до смрзнување во зима, сиромаштијата и окупацијата. Тоа се само различни видови терор“, кажа тој.

„Затоа морате да одговорите. Не размислувајте за тоа како ќе ја вратите турбината, туку проширете ги санкциите“, смета Зеленски.

Западот ја обвинува Русија дека ги користи енергенсите како оружје, одговарајќи на санкциите кои ѝ се воведени поради нападот на Украина. Гасоводот Северен тек, кој ги поврзува Русија и Германија преку Балтичко Море, е стратегиски важен за снабдување на Европа со гас, која е прилично зависна од руските енергенси.