Земјотрес во Албанија, се тресеше и Македонија: Падна зграда во Драч, дете извлечено од урнатини (Видео)

16

Силен земјотрес со јачина од 6,4 степени по скалата на Рихтер утрово (03.54 часот) ја погоди Албанија, но потресот сериозно се почувствува и во Македонија и во сите останати држави во регионот на Западен Балкан и пошироко. Според наводите на светските сеизмолошки станици, епицентарот бил југоисточно од Драч на длабочина од 20 км.

https://www.youtube.com/watch?time_continue=182&v=xE1V6-e1oAE&feature=emb_title

„Речено ми е дека нема жртви“, одговори портпаролот на Министерството за внатрешни работи на прашање на агенцијата „Ројтерс“.

По првиот удар се забележани уште два со јачина од 5,3 степени и 5,1 степен по рихтеровата скала и десетина послаби. Засега нема податоци за жртви, но затоа има информации за голема материјална штета и повредени лица од кои добар дел завршија во болниците во Тирана.

Локалните медиуми јавуваат дека во Драч паднала петокатница, а од урнатините е спасено едно дете. На улица излегоа и жителите на Тирана од кои дел, како што објавија албанските медиуми, со бебиња во раце.

Земјотресот предизвика силна вознемиреност меѓу граѓаните во Македонија кои будни го дочекаа новиот работен ден.

Најголема штета, според владините портпароли, е регистрирана на објекти во Драч. Ова е најсилен земјотрес во Албанија во последните 30 години, втор во само три месеца по оној во септември кој беше со јачина од 5,6 степени по Рихтеровата скала и предизвика оштетувања на 500 куќи.

Земјотресот, покрај во Албанија и Македонија, го почувствуваа и граѓаните на Србија, на Црна Гора, на Косово, на БиХ, на Хрватска, на Бугарија и на Италија.