Измамници ќарат од лековерни граѓани

17

Уште една од низата на измами кое се актуелни веќе подолг период се случила во Велес, а жртва е 53-годишен велешанец, кој имал шлеп служба. Според СВР Велес, тој добил телефонски повик од непознато лице, кое побарало од него да изврши транспорт на возило од Росоман, бидејќи наводно се случила сообраќајна несреќа.

Велешанецот се согласил да го транспортира возилото со својата шлеп служба, а лицето потоа пак му се јавило и му побарало да испрати 18.000 денари по такси возило. Како што појаснил измамениот велешанец во полиција, му било кажано дека тие пари се потребни за лекување на девојче кое било повредено во сообраќајката.

-Тој ги предал парите на таксистот, а потоа отишол на договореното место, но не можел да го најде лицето кое му се јавило. Го барал на телефон, но не добил одговор на повиците. Тогаш сфатил дека е измамен и случајот го пријавил во полиција – известуваат од СВР Велес.

Додаваат дека ова е еден од многуте слични случаи кои периодов се актуелни во повеќе градови во земјава.

-Слични приказни, слични измами, непознати лица се јавуваат кај граѓани, им бараат пари. Во повеќе наврати апелираме граѓаните да не наседнуваат и да не даваат пари додека не проверат за што точно се работи. Истрагата за случајот е во тек, работиме на негово расчистување – велат од СВР Велес.