Илјадници патници, меѓу кои и Македонци, заглавени во „пловечки затвор“, заразата се шири (ВИДЕО)

5

Уште десетици патници на бродот за крстосување во Јапонија имаат позитивни тестови за коронавирусот, со што вкупниот број на инфекции на бродот достигна 61, додека 3.700 луѓе остануваат заробени во карантин на бродот.

Заглавени во пристаништето Јокохама од почетокот на оваа недела, 3.700 патници и членови на екипажот на бродот неколку недели се во карантин, додека медицинските работници ги тестираат за смртоносната зараза. Бродот сега е како „пловечки затвор“, рече еден патник на социјалните мрежи, каде што се појавија морбидни слики од празните сали, кои до пред кратко време биле преполни.

Вчера Министерството за здравство на Јапонија потврди дека на бродот има и тројца македонски државјани.

Од илјадниците патници на бродот, 273 покажале симптоми на болест, како што се кашлица и треска, или дошле во контакт со луѓе со симптоми. Сите тие патници сега се тестирани, соопшти Министерството, истакнувајќи дека 41 нов пациент ќе бидат пренесени во медицинските установи во префектурите Токио, Саитама, Чиба и Шизуока, како и Канагава.

Останува нејасно дали може да се појават дополнителни случаи на бродот, бидејќи за новиот коронавирус се знае дека се шири и од човек на човек, дури и меѓу оние што сè уште не покажуваат симптоми, со долг период на инкубација. Некои патници веќе изразија страв дека на крај може да завршат заглавени на бродот подолго од 14 дена ако се појават нови инфекции.

Откако бројот на заразените на бродот вчера тројно се зголеми, додека здравствените тестови продолжуваат, Јапонија сега има најмалку 86 случаи на смртоносниот коронавирус на национално ниво, кој се појави во кинескиот град Вухан во декември. Болеста оттогаш се рашири во 25 други земји, заразувајќи над 30.000, и однесе вкупно 635 животи, повеќето од нив во Кина