Исчезна главниот сибирски лекар што го лекуваше Навални

6

Исчезна сибирскиот лекар што го лекуваше критичарот на Кремљ Алексеј Навални откако му се слоши за време на авионскиот лет минатата година во Русија, објави во неделата руската полиција.

Полицијата во регионот Омск, на околу 2.200 километри источно од Москва, објави дека лекарот Александар Мураховски во петокот со теренско возило ја напуштил ловната база во шумата и дека оттогаш не е виден.

Во потрагата се приклучиле и службите за итни случаи, беспилотни летала, хеликоптер и волонтери на теренот.

Мураховски е главен лекар во болницата во Омск, Сибир, каде што се лекуваше Навални, најгласниот критичар на претседателот Владимир Путин. Мураховски потоа беше унапреден во регионален министер за здравство.

По напнати преговори со властите, Навални од Омск беше префрлен во Германија на лекување.

Лабораториските тестови во три европски земји, кои беа потврдени од глобалното тело за контрола на хемиското оружје, утврдија дека Навални е отруен со нервниот агенс новичок.

Кремљ постојано ги негираше обвинувањата дека руските власти се обиделе да го убијат Навални.

Навални е во затвор од февруари и тврди дека е таму поради измислени обвинувања.