ИЈЗ: Зголемен бројот на нови случаи со Ковид-19, детектирани поголем број нови варијанти на вирусот

68

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 8 до 14 февруари се тестирани вкупно 16.299 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 13,2 отсто во однос на минатата недела, соопшти Министерството за здравство.

Регистрирани сe 2.232 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со зголемување од 5,3 отсто, во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=953; 42,7 отсто), со неделна инциденца од 154,3/100.000. Највисока неделна инциденца од 425,2/100.000 е регистрирана во Кавадарци.

Процентот на позитивност се движи од 6,8 до 16,6 отсто, просечно 12,9 отсто. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=583, 26,1 отсто). Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 години (n=416; 18,6 отсто), од 40 до 49 години (n=408; 18,3 отсто), од 50 до 59 години (n=379; 17 отсто) и од 20 до 29 години (n=276; 12,4 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=53; 2,4 отсто) и од 10 до 19 години (n=117; 5,2 отсто).

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 2.519 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 24,2 отсто помалку во споредба со минатата недела.

Пријавени се 43 смртни случаи од 14 градови, што е за 34,8 отсто помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 38 лицa биле над 60 години, четири лица на возраст од 50 до 59 години и едно лице на возраст од 40 до 49 години.

Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број нови варијанти на вирусот, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на внес на нови случаи на Ковид-19 од странство.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 8 до 14 февруари, како и кумулативната состојба се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/ , стои во соопштението.