Карењо-Буста распука по Ѓоковиќ: Кога е тешко, тој секогаш бара медицински тајм-аут

28

Пабло Карењо-Буста се покажа како лош губитник откако изјави дека Новак Ѓоковиќ се служи со специјални тактики за да се спаси од неволја на теренот.

Шпанецот синоќа го освои првиот сет против Србинот во четвртфиналето на Ролан Гарос, но потоа првиот фаворит заигра како што знае и умее. Ѓоковиќ се жалеше на болки во вратот и левата рака, а Карењо-Буста не е баш уверен дека неговиот ривал бил навистина повреден.

„Секогаш кога еден меч ќе стане тежок за него, тој повикува доктор“, изјави Карењо-Буста за Ѓоковиќ. „Не знам дали има хронична повреда на рамото или едноставно тоа е ментален проблем, бидејќи тоа го прави секогаш кога е во неволја. Но тоа не е нешто што направи да ја загубам концентрацијата, веќе го знаев тоа. Знаев дека тоа ќе се случи на Ју-Ес Опен и исто така знаев дека ќе се случи тука. Исто така ќе продолжи да се случува во иднина“, додаде Шпанецот.

Двајцата се сретнаа и на Ју-Ес опен, кога Ѓоковиќ беше дисквалификуван откако со топче погоди една од линиските судијки откако поенот беше завршен.

„Не се чувствував баш најдобро денеска (вчера) на теренот. Неколку работи се случија за време на загревањето“, рече Ѓоковиќ. „Имав некои физички проблеми доаѓајки на теренот. Како одминуваше натпреварот се чувствува подобро и болката ја снемуваше. Еден сет и половина тој (Карењо-Буста) беше подобриот играч, ја диктираше играта. Јас бев многу неутрален“, додаде првиот фаворит на Ролан Гарос.

Ѓоковиќ го победи Карењо-Буста во четири сета со 4-6, 6-2, 6-3 и 6-4.