Кафеаните од денеска работат до 21 часот, угостителите бесни на Владата

27

Од денеска рестораните ќе работат до 21 часот. За угостителски објекти на аеродромите, на бензинските пумпи и во хотелите нема ограничување, односно тие ќе работат со редовното работно време според законот.

Ова вест угостителите ја дочекаа на нож. Тие особено се изреволтираа што Владата, паралелно со одлуката за работното време на кафеаните, донесе и одлука со која ги ослободува компаниите од одредени увозни царини, пишува Слободен Печат.

– Ги потсетуваме и министрите и Владата дека од сите индустрии кои добија поддршка и помош од постојните сет економски мерки, само за угостителската индустрија континуирано се носат препораки и протоколи придружени со ограничувања за работно време, со што не само што се нанесува директна материјална штета туку страда и целокупната угостителска индустрија заедно со сите вработени во неа – велат од Независната угостителска комора.

Оваа комора, заедно со здруженијата „Клуб еснаф“ од Битола, „Прилепски меанџии“ од Прилеп, „Тиквешки угостители“ од Кавадарци, „Бисер“ од Куманово, ЗУТ „Крушево“ од Крушево, „Антигонеа“ од Неготино и „Охридски еснаф“ од Охрид составија листа на барања до Владата и ѝ дадоа рок до 25 јануари да ги усвои сите барања и да донесе одлуки со кои ќе креира посебни економски мерки за директна помош и поддршка на угостителската индустрија.

Угостителите бараат безусловна субвенција за сите вработени во угостителската индустрија во висина на бруто-плати додека се во важност рестриктивните мерки и протоколите за работа, или до официјално завршување на пандемијата. Тие бараат и неповратна директна помош, како што има за ноќните клубови и категоризираните ресторани; безусловна достапност до долгорочни и бескаматни кредити; побрза достапност на најавениот гарантен фонд или гарантна шема за да може да добијат кредити; намаленото ДДВ од 10 проценти да важи за сите угостителски услуги во сите видови на угостителски објекти; одлагање и репрограмирање на извршни постапки.

Во однос на повластената даночна стапка од 10 проценти, која за првпат е воведена, замислата е со исти цени што ги имаше кога ДДВ беше 18 проценти, да им се помогне на угостителите, со тоа што сега таа разлика од даночните стапки ќе биде нивен приход. Но, оваа стапка не важи за алкохолните пијалаци, а прометот со алкохол, пак, е главна ставка во кафулињата и значајна во рестораните.

Од друга страна, поради задоцнетото прилагодување на фискалните апарати, угостителите првата недела не може да го применат намалениот данок од 10 проценти, и иако законот тоа им го наложувал, биле принудени да пресметуваат ДДВ од 18 проценти.

– УЈП во декември се однесуваше како да го нема овој закон за имплементација од 1 јануари 2021 година и моравме да направиме притисок за да се подготви процедурата за усогласување на фискалните апарати. Правилникот направен од Министерството за финансии за начинот на воведување на новата стапка на ДДВ во висина од 10 проценти во Службен весник е објавен еден ден пред почетокот на неговата примена, на 30 декември 2020 година – објасни за „Слободен печат“ Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.