Кина воведе дигитални потврди за вакцинација за патувања преку граница

31

Кина воведе дигитални потврди за вакцинација против ковид-19 за своите граѓани кои имаат намера да патуваат преку граница, приклучувајќи им се на другите држави кои издадоа слични документи додека бараат начини да ги отворат своите економии.

Бидејќи програмите за вакцинација се спроведуваат на глобално ниво, неколку држави, вклучително и Бахреин, веќе воведоа сертификати за вакцинирани лица, а Европската унија се согласи да подготви пасоши за вакцинирани лица под притисок на јужните држави кои зависат од туризам.

Кинеските потврди за вакцинација ќе содржат информации за примателот на вакцината против ковид-19 и резултати од тест на коронавирус, објави Одделот за конзуларни работи на кинеското Министерство за надворешни работи на својата веб-страница.

Министерот за надворешни работи Ванг Ји во неделата рече дека целта на потврдата е да се постигне вкрстена проверка на податоците како што се тестот на нуклеинска киселина и вакцинација и да се придонесе кон безбедна интеракција на луѓето.

Сè уште не е познато со кои земји Кина преговара за признавање на потврдите за вакцинација.

Кина исто така најави олеснување на карантинските ограничувања за луѓето кои пристигнуваат во Кина и кои веќе биле вакцинирани против ковид-19.

Во февруари, портпарол на кинеската здравствена комисија рече дека постојните барања за карантин треба да останат во сила за луѓето што доаѓаат во Кина, бидејќи е можно вакцинираните лица да бидат сè уште заразни.