Ковид-19 предизвикува долготрајни промени во крвните клетки

14

Кај некои пациенти со Ковид, симптомите на болеста може да траат со месеци по првичната инфекција. Нови докази сугерираат дека ова може да се должи на тоа што вирусот прави значителни промени во крвта на луѓето, што резултира со трајни промени во крвните клетки кои се уште се евидентни неколку месеци по дијагностицирањето на инфекцијата.

„Можевме да откриеме јасни и долготрајни промени во клетките, како за време на акутната инфекција, па дури и после неа“, објаснува биофизичарот Јочен Гак од институтот „Макс Планк“ во Германија.

Во новата студија, Гак и неговите колеги истражувачи ја анализирале крвта на пациентите користејќи систем наречен RT-DC, кој може брзо да анализира стотици крвни клетки во секунда, додека открива какви било абнормални промени во големината и структурата. Овој систем помага да се открие како коронавирусот влијае на крвта на клеточно ниво.
„Иако патологијата сè уште не е разбрана целосно, хиперупалниот одговор и нарушувањата на коагулацијата што доведуваат до запушување на микроваскуларните крвни садови се сметаат за клучни двигатели на сè уште зголемениот број на смртни случаи“, напишаа истражувачите, предводени од авторката на студијата Маркета Кубанкова.

„Досега не се сметаше дека физичките промени во крвните клетки играат важна улога кога станува збор за васкуларна оклузија и оштетување на органите предизвикани од Ковид-19“, додаваат истражувачите.

Забележани промени во големината и структурата на крвните клетки
Студијата вклучува 55 пациенти. 17 од нив имале тешка форма на болеста, а половина од нив подоцна починале. Студијата опфати и 14 пациенти кои се опоравиле од Ковид и 24 здрави лица. Анализирани се повеќе од четири милиони крвни клетки, а резултатите покажаа дека големината на црвените крвни зрнца (еритроцити) кај пациенти со Ковид е значително различна. Забележани се и знаци на вкочанетост во физичката структура на клетките, кои покажуваат помала деформабилност, што може да влијае на нивната способност да испорачуваат кислород низ телото, пренесува Science alert.

„Физичките својства на еритроцитите се клучни за протокот на микроциркулацијата и како такви, овие промени можат да ја ослабнат циркулацијата и да промовираат хипоксемија“, објаснуваат истражувачите.

„Ефектот може да се задржи кај пациенти долго време откако инфекцијата веќе не е активна, и откривме дека кај закрепнатите пациенти промените во фенотипот не беа толку изразени, но сепак беа присутни“.

Кај белите крвни клетки (лимфоцити), помала вкочанетост е забележана кај пациенти со ковид, додека кај нив моноцитите биле значително повисоки отколку кај учесниците од контролната група. Во меѓувреме, неутрофилите, друг вид на бели крвни клетки, покажаа бројни промени кај пациенти со корона. Забележани се промени во големината и некои поголеми деформации.

„Додека некои од овие промени се вратија во нормалните вредности по хоспитализацијата, другите опстојуваа со месеци по отпуштањето од болницата, доказ за долгорочниот ефект на Ковид-19 врз телото“, пишуваат истражувачите.

„Ние претпоставуваме дека набљудуваните промени може да се должат на цитоскелетни промени во имуните клетки. Механичките својства на клетките можат да бидат директно поврзани со цитоскелетот, важна потпорна структура што исто така ја одредува клеточната функција “, велат тие.

Сè уште не е целосно јасно како промените во крвните клетки предизвикуваат симптоми на болеста и понекогаш предизвикуваат смрт. Студијата објаснува колку вирусот го напаѓа телото и зошто некои луѓе може да имаат симптоми на болеста со месеци по дијагнозата.

„Ние претпоставуваме дека трајните промени во физичките фенотипови на крвни клетки може да придонесат за долгорочно оштетување на циркулацијата и испорака на кислород кај опоравените пациенти“, велат научниците.