Коневски: Крајно време е за промени во ВМРО-ДПМНЕ, на партијата ѝ треба добар тим

27

Крајно време е за промени во ВМРО-ДПМНЕ, а тоа уште еднаш го потврдија последните парламентарни избори, вели во кусата објава до медиумите, Ивица Коневски, член на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен советник за град Скопје на претседателот на партијата.

„Повеќе од јасно е дека на партијата ѝ е неопходен добар тим, раководство со капацитет за обединување и демократизација, кои во моментов се клучни за враќање на довербата кај граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш имала свој препознатлив печат, кој за жал изминатите неколку години избледе. Но, и покрај сите премрежија, кај многумина од нас не избледе искрената желба партијата да се врати на својот вистински пат, да ги следи современите текови и повторно да стане делотворен чинител во ова општество. ВМРО-ДПМНЕ тоа го има, го може и знам дека ќе успее пак да се издигне на пиедесталот, онаму каде што припаѓа, на првото место. Доаѓаат подобри времиња“, пишува Коневски.

Претходно промени јавно побараа Никола Поповски, поранешен министер за надворешни работи, Никола Тодоров, поранешен министер за образование и Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК.