Кремљ ги негира обвинувањата дека ги поттикнува тензиите во Косово

3

 

Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, воедно додаде дека Русија го поддржува Белград и дека е природно Србија да ги штити, но и да реагира жестоко кога се прекршуваат правата на Србите во Косово

Кремљ во средата соопшти дека ги поддржува обидите на Србија да ги заштити етничките Срби во северот на Косово, но ги негираше обвинувањата на Приштина дека Русија на некој начин ги поттикнува тензиите меѓу двете страни во обид да донесе немир низ Балканот, пишува Ројтерс.

Запрашан за тврдењето на косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла дека Србија, под влијание на Русија, има за цел да го дестабилизира Косово поддржувајќи го српското малцинство, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека е „погрешно“ да се бара деструктивно руско влијание.

„Србија е суверена земја и апсолутно е погрешно да се бара деструктивното влијание на Русија тука“, рече Песков.

Тој додаде дека Кремљ го поддржува Белград и дека е природно Србија да ги штити, но и да реагира жестоко кога се прекршуваат правата на Србите во Косово.

„Имајќи многу блиски сојузнички односи, историски и духовни односи со Србија, Русија многу внимателно следи што се случува, како се почитуваат и обезбедуваат правата на Србите. И, се разбира, го поддржуваме Белград во акциите што се преземаат“, рече Песков.

Откако косовските Срби поставија барикади на граничните премини „Јариње“ и „Брњак“ на северот на Косово на почетокот на месецов, од вчера затворен за сообраќај е и граничниот премин „Мердаре“. Преминот од вчеравечер е непрооден откако беа поставени барикади на територијата на Србија на околу два километри од косовската граница.

По блокадата „Мердаре“, косовската полиција го затвори преминот и ги повика сите граѓани кои патуваат за Косово преку централна Србија да ја избегнуваат оваа гранична точка и да користат други алтернативни патишта. Како опција ги посочија премините преку Северна Македонија.

Во меѓувреме, Србија негира дека се обидува да го дестабилизира својот сосед и вели дека само сака да го заштити своето малцинство таму. Српскиот претседател Александар Вучиќ во вторникот изјави дека Србија ќе продолжи да се бори за мир и да бара компромисни решенија.