Кристијано Роналдо синоќа собори уште еден рекорд во Италија

Ѕвездата на Јувентус, Кристијано Роналдо, синоќа собори уште еден рекорд.

33

Напаѓачот на клубот од Торино постигна еден од двата погодоци на Јувентус во гостинската победа кај Болоња со 2:0 во рамките на 28. коло од Серија А.

Тоа за поранешниот играч на Реал Мадрид беше 43-ти погодок во италијанскиот шампионат со што го надмина Руи Коста и стана Португалец со најмногу голови во Серија А.

Руи Коста, играјќи за Фиорентина и Милан во периодот меѓу 1994 и 2006 година постигна 42 гола.

Роналдо во првата сезона во Јувентус постигна 21 гол во Серија А, а синоќешниот му беше 22-ри оваа сезона со кој се задржа на второто место на листата на стрелците, веднаш зад Чиро Имобиле.

Инаку, Роналдо е рекорден португалски стрелец и во Премиер лигата и во Ла Лига. Во англискиот шампионат постигна 84 гола играјќи за Манчестер Јунајтед, а во шпанското првенство 311 во дресот на Реал Мадрид. Кога станува збор за Ла Лига, само Лионел Меси има повеќе голови од него.

И покрај овој рекорд, треба да се истакне дека Роналдо по рестартот на сезоната не е во најдобра форма. По лошите игри во Купот на Италија против Милан и Наполи, тој ни синоќа не брилјираше, а погодокот кој го постигна го даде од белата точка.