Курти: Овие злосторници ги плаќа Србија

37

Косовскиот премиер Аљбин Курти донесе одлука да се засили присуството на косовската полиција на северот, во српските општини. Во вторникот се случија најмалку два инциденти во Зубин поток и Косовска Митровица при обидот на општинските изборни комисии во придружба на косовската полиција да влезат во просториите на општините на северот.

Локалните Срби ги спречија во обидот. Инцидентот во Зубин поток заврши мирно со интервенција на полицијата, иако, според официјални избори, биле фрлени две експлозивни направи, од кои едната експлодирана, а втората била отстранета.

„Злосторничките банди ги засилија нападите на северот на Косово. Знаат дека се ближи крајот. Владата на Косово нема да се ценка со нив ниту да ги толерира. Бомбите кои ги фрлаат, куршумите кои ги пукаат и маските кои ги носат ја покажуваат нивната политичка и народна немоќ.

Поради овие злосторства и оружени напади северно од Ибар, таму ќе имаме повеќе косовска полиција. Затоа што ќе има истраги и процесирање на овие злосторници кои ги плаќа Србија, а со кои диригира нивниот претседател. Бројните кршења на законот нема да бидат простени, а тенденциите за криминална дестабилизација ќе пропаднат“, порача Курти.

Приштина и Белград меѓусебно се обвинуваат за инцидентите од вторникот. Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на српската влада Петар Петковиќ кажа дека специјалците на Курти упаднале во просториите на општините и „сè искршиле и растуриле во обид да ги инсталираат своите гласачки комисии“.

„Во четирите општини на северот поделбата не е на Срби и Албанци, туку на криминални банди и граѓани. Ги молам сите граѓани на Косово да ја поддржат државата и косовската полиција, сите наши службеници кои ги бранат уставноста и законот, републиката и демократијата“, кажа Курти, а пренесува Коссев.