Во Иран прва смртна казна на учесник на антивладини протести

13

Иран објави дека ја извршил првата смртна казна во врска со неодамнешните антивладини протести. Мохсен Шекари бил обесен утрово откако Револуционерниот суд го прогласил за виновен за „непријателство против Бога“.

Тој бил обвинет дека блокирал главна улица во Техеран во септември и ранил припадник на паравоените сили Басиџ со мачета.

„Судењето на Шекари беше обична фарса. Меѓународната заедница мора да реагира веднаш и силно на оваа егзекуција. Ако ова не биде проследено со последици за владата, ќе се соочиме со масовни егзекуции на демонстранти“, изјави Махмуд Амири-Магадам, директорот на групата Иран хјуман рајтс, со седиште во Норвешка.

На 1 ноември, судот пресуди дека „Шекари е виновен за борба и користење оружје со намера да убие и да ги наруши редот и безбедноста на општеството“.

Иран хјуман рајтс вели дека уште десет луѓе се осудени на смрт од Револуционерниот суд под обвинение дека дејствувале против Господ.