Лајчак претставник на ЕУ за Западен Балкан?

6

Европската унија интензивно бара погодна личност за новата функција специјален претставник за Западен Балкан, а најсериозен кандидат е шефот на словачката дипломатија, Мирослав Лајчак, пренесува „Вечерње новости“.

Целта на ЕУ е на тој начин, пред се, да се ублажи влијанието на САД во регионот.

Каго добар познавач на приликите и искусен политичар кој веќе извршуваше повеќе важни функции на овие простори, Лајчак практично ги исполнува сите услови.

Повикувајќи се на добро информирани извори, весникот наведува дека Лајчак во Брисел, далеку од очите на јавноста, имал важен двочасовен состанок на оваа тема со идниот шеф на европската дипломатија, Жозеп Борел.

„САД имаат двајца претставници за Западен Балкан, а ние ниту еден. Затоа и ни оди вака“, наводно изјавил резигнираниот Лајчак на средбата со Борел, мислејќи притоа на бавноста на проширувањето и се понагласеното оддалечување на регионот од ЕУ.

Весникот пишува и дека „кастингот“ за оваа функција трае веќе извесно време, уште откако е избран новиот состав на Европската комисија, наведувајќи дека се размислува дали специјалниот претставник ќе ја претставува само ЕК или целата ЕУ.