Лекарите бараат од Британија да го запре мачењето на Џулијан Асанж

2

Повеќе од 100 лекари ја обвинија Британија дека ја оневозможува потребната здравствена нега на заточениот основач на Викиликс Џулијан Асанж и дека допушта третман за кој претставникот на ОН рекол дека е на граница на мачење.

Лекарите побараа од Лондон да го запре „психолошкото малтретирање и медицинското запоставување на Асанж… пред да биде доцна“.

„Ако Асанж умре во британскиот затвор, што е можност за која предупреди специјалниот пратеник на ОН, тоа ќе биде затоа што всушност бил мачен до смрт“, објави групата Лекари за Асанж во писмото до медицинското списание Лансет.

Асанж (48) следната недела би требало да има сослушување за предавањето, откако американската влада го обвини за заговор со поранешната разузнавачка аналитичарка Челзи Менинг поради објавување доверливи материјали во 2010 година.

Во ноември Нилс Мелзер, известувач на ОН за тортура, кажа дека британската влада покажала „отворено непочитување на правата и интегритетот на Асанж“, игнорирајќи ги неговите совети и советите на лекарите што го посетиле Асанж во лондонскиот затвор.

Мелзер нагласи дека Асанж, кој седум години живееше во еквадорската амбасада во Лондон пред да го фатат во 2019 година, ги покажува „сите симптоми типични за долготрајно изложување на психолошка тортура“.

Таткото на Асанж за Би-би-си изрази загриженост дека неговиот син може да добие смртна казна доколку им биде предаден на САД. Загрижен е и за неговото здравје зашто, како што рече, „постојано е анксиозен“.

Иако не е веројатно дека Асанж ќе добие смртна казна, за обвинувањата против него, кои вклучуваат кршење на законот за шпионажа и протекување на информации, би можело да добие 170-годишна затворска казна, пишува Би-би-си.