МВР ќе одлучува кој ќе добие пасош дури да стигнат новите

14

Министерството за внатрешни работи треба да утврди методологија и критериуми за издавање патни исправи до 24 март, за кога е најавена испораката на дополнителна количина обрасци. Вакво задолжение даде владата со заклучок на синоќешната седница, на која се разгледувал актуелниот проблем со дефицитот на патни исправи.

Според последните информации од министерот Наќе Чулев, до пред три дена имало околу 4 900 обрасци за пасоши, а 14 900 граѓани чекаат да им биде издаден пасош.

Новата пратка на обрасци за патни исправи од економскиот оператор „Веридос“ треба да стигне на 24 март, а Чулев уверува дека се прават напори за забрзување на процесот за да стигнат десетина порано.

Проблемот со личните документи Чулев вели го наследил од неговиот претходник Оливер Спасовски за кој тврди има докази дека незаконски склучувал договори. Премиерот Спасовски пак, тврди дека додека тој бил во Министерството за внатрешни работи немало никакви проблеми ниту со пасошите ниту со личните карти.