„Медена земја“ со две награди по избор на американската критика

25

Документарниот филм „Медена земја“ освои две награди, по избор на американското Здружение на критичари, на свечена церемонија што се одржа ноќеска во Бруклин-Њујорк. Режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска беа наградени за најдобар прв документарен филм, а за најпривлечен лик во документарец, наградата ја понесе протагонистката, Атиџе Муратова. Освоените награди од американската критика се сметаат за најточни предвидувања, кому ќе му се насмее среќата на претстојните Оскари во февруари 2020.

За најдобар документарен филм е прогласен „Аполо 11“, а наградата за најдобар режисер ја делат Питер Џексон за „Тие никогаш нема да остарат“ и Џулија Рајхарт и Стивен Богнар за „Американска фабрика“.

„Медена земја“ е наш кандидат за Оскар, во категоријата најдобар странски документарен филм. Тој е и меѓу петте документарци, номинирани викендов од Европската филмска академија. Победникот ќе биде соопштен на 7 декември.