Меркел предупредува: Германскиот здравствен систем е пред „пукање“

5

Канцеларката Ангела Меркел предупреди дека германскиот здравствен систем би можел да дојде до колапс, доколку бројот на новозаболени со ковид-19 продолжи неконтролирано да расте. Таа за денеска закажа состанок на највисоко ниво на кој треба да се донесат одлуки за нови мерки во насока на амортизирање на ударот од вториот бран на пандемијата.

Весникот „Билд“ објави дека Меркел на колегите во партијата им рекла дека бројот на заразени се дуплира на секои седум-осум дена додека бројот на зафатени кревети на одделенијата се дуплира на секои десет дена.

– Ако бројот се дуплира уште четири пати, системот ќе дојде до точка на пукање“, ги пренесува „Билд“ зборовите на Меркел, додавајќжи оти таа сака намалување на контактите на граѓаните.

Германија, која беше наголемо фалена во почетната фаза од пандемијата, се соочува со побрзо ширење на инфекцијата од очекуваното. Тоа ја поттикна канцеларката за денешниот состанок со државните лидери за воведување на дополнителни рестрикции.

– Соочени сме со експоненцијален раст. Бројот на заболени во Германија расте за 70 до 75 отсто во споредба со изминатите недели, рече германскиот министер за економија, Петер Алтмаер на виртуелната германско-француска конференција во Берлин и истакна оти очекува дека бројот на новозаболени во земјата на дневно ниво до крајот на неделата да достигне 20.000.

Европските влади вчера почнаа со воведување на нови ограничувања во обид да го запрат брзото ширење на вирусот и да обезбедат економски стимулации за компаниите за да ја преживеат пандемијата. Светските лидери се наоѓаат пред сè потешка задача за контрола на вирусот и истовремено да ги сочуваат економиите додека полагаат надежи во што поскоро пронаоѓање на вакцина.

Русија, САД, Франција, Шведска, Полска и други земји бележат рекордни дневни бројки на заразени со ковид-19 во последниот период додека есента преминува во зима на северната хемисфера и граѓаните се собираат во затворен простор во кој ризикот од трансмисија на вирусот е поголем. Досега во светот, според податоци што ги објави „Ројтерс“, се заболени над 43 милиони луѓе, над 1,1 милион починаа, а САД се лидери во двете статистички категории.